Во изминатите два месеца бугарските власти погрешно ги броеле вакцинираните граѓани во државата, пренесува „Еурактив“. Информацискиот систем што се состои од податоците за вакцинираните и заразените објави значително зголемување на потполно имунизираните Бугари од 73 илјади во еден ден, со само 8.538 дози вакцини.

Бројот на возрасни Бугари кои примиле две дози вчера изнесувал 15,3 отсто од населението, додека за само еден ден се зголемил на 16,7 отсто што би значело дека за 24 часа биле вакцинирани над 73 илјади лица.

Се испоставило дека надлежните служби коригирале грешка стара два месеца поврзана со податоците за вакцината на „Џонсон и Џонсон“ која се прима во една доза. Луѓето кои примиле една доза не се воделе како потполно имунизирани во статистиката.

Дури и по исправената грешка, Бугарија останува на последното место во ЕУ со 18,5 отсто возрасни граѓани кои примиле една доза. Тоа е значително помалку во однос на просекот на Унијата од речиси 70 отсто вакцинирани со една доза.

Дневниот број на случаи во Бугарија двојно се зголеми во изминатата недела со што надлежните служби веќе дискутираат за справувањето со нов бран на заразата.