Главниот епидемиолог на Србија, Предраг Кон, изјави дека не се очекувало новиот коронавирус да покаже ваков потенцијал преку лето.

– Оваа неочекуваност не се случи само кај нас. Секаде во светот со олабавувањето на мерките нагло се влоши состојбата – вели Кон.

Тој за Н1 додава дека сè уште не смее да зборува за ситуацијата во Белград.

– Мислам дека сега сме на максимален втор пик. Многу е важно овие мерки да се воспостават, дури и да се применуваат санкции ако не се почитуваат истите – истакна епидемиологот.

Кон наведува дека првичното затворање, со новите мерки е заменето со маски.

– Денеска постојат јасни истражувања кои покажуваат дека маската го штити поединецот само 30 проценти, но ако сите ја носат, тогаш штити над 90 отсто – предупредува тој.

Кон смета дека моменталното сценарио не е најлошо што можело да се случи и тоа што се случува вториот бран за време на лето претставува олеснителна околност, бидејќи, како што вели, не се судира со сезонскиот грип.