Епидемијата на ковид-19 во Србија е под контрола, вели пулмологот Бранимир Несторовиќ и додава дека денеска на состанокот на Кризниот штаб ќе биде одлучено колку ќе трае полицискиот час за време на велигденските празници, пренесува „Вечерње новости“.

Според Несторовиќ, ситуацијата е под контрола, досега мерките биле заострувани, а сега се размислува за нивно олабавување.

– Кога ќе ја погледнете картата на Европа, ние сме како остров изолиран од короната. Добро поминаа и Чешка и Словачка. Имавме добра организација, малку среќа со убавото време, па сега можеме да планираме некој редослед што понатаму – вели тој.

Несторовиќ напоменува дека епидемијата е во опаѓање во оној момент кога бројот на излечени ќе го надмине бројот на новозаразени и дека во Србија ситуацијата е таква.

– Пред некој ден имавме 230 новозаразени и 242 излечени пациенти. Кога ќе ги погледнете сите тие криви во Европа, ќе видите дека ние сега сме во фаза во која Италија се наоѓаше пред две недели, кога бројот почна да опаѓа. Кај нас не расте бројот на заразени – вели тој.

Несторовиќ посочува дека постои уште една опасност, а тоа е вирусот да влезе во домовите за стари и дека таква ситуација би била лоша.

– Мора да чекаме вирусот потполно да ослаби, па да се отворат домовите за стари. Тоа ќе се случи на крај – објаснува тој.

Несторовиќ нагласи дека следните две недели се пресуди поради луѓето кои во моментот се во инкубација и кои ќе развијат клиничка слика во следните неколку дена.