И покрај новите дози вакцини и сè поголемиот број вакцинирани, експертите во Србија предупредуваат на зголемување на бројот на заразени, а кризниот штаб денеска треба до го разгледа работното време на кафулињата и рестораните не исклучувајќи ја можноста за заострување на мерките.

Во понеделникот имало речиси 3.000 заразени, а во вторникот тој број бил 3.257, со 15 смртни случаи. Според најновите резултати, денеска се забележани 3.460 новозаразени и 17 починати. Во последните 24 часа биле направени 15.200 теста.

Според „Нова.рс“, првата доза на вакцината ја примиле 813.266 граѓани на Србија, а втората доза ја примиле 462.578.

Од почетокот на епидемијата во Србија се забележани 4.366 смртни случаи како последица на ковид-19. На респиратори се 157 лица, а во болниците има 3.727 ковид-пациенти. Од почетокот на епидемијата официјално се потврдени 442.853 случаи на инфекција.

Државниот секретар во српското Министерство за здравство најави заострување на мерките.

– Мора да обрнеме внимание и што побргу да го запреме влошувањето на ситуацијата – рече Мирсад Џерлек.

Тој, сепак, забележува дека воведувањето полициски час не доаѓа предвид. Мерките што треба да се засилат се оние што се однесуваат на работното време на продавниците и кафулињата.