Откако министерот за здравство Венко Филипче денеска информираше за нов сет  мерки во однос на заштитата од коронавирусот, чекори за претпазливост се преземаат и во прес-центарот на владата.
Слично како мерката во кафулињата каде гостите треба да бидат на 2 метра оддалеченост еден од друг, така и столчињата за новинарите во владата се оддалечени повеќе од обично.
Ова беше очигледно на прес-конференцијата која техничкиот премиер Оливер Спасовски ја одржа по денешната лидерска средба на која политичките партии зборуваа за влијанието на коронавирусот врз предизборната кампања.
Исто така, за разлика од обично, кога микрофонот преминува од рака во рака кај новинарите, овојпат за тоа беа задолжени посебни претставници од владината служба, кои ги држеа микрофоните со цел да се избегне допир од повеќе лица.