Премиерот Душко Марковиќ на прес-конференција објави дека има два случаи на  заразени од коронавирус. Станува збор за две жени родени во 1948 и 1973 година, наведува „Недељник“.

Едната жена дошла од Америка  пред 12 дена, а друга од Шпанија и била под надзор.

– Лабораториите на Институтот за јавно здравје на Црна Гора денес ги потврдија првите случаи на инфицирани од ковид-19 вирусот во Црна Гора. Пациентите се од женски пол, родени во 1948 и 1973 година и двете живееле во области погодени од епидемија во претходниот период – рече Марковиќ.

Двете се со стабилна здравствена состојба, додаде тој. Директорот на Институтот за јавно здравје, Бобан Мугоша, рече дека заразените лица не се вработени. Тој исто така изјави дека едната живее сама, а другата со семејството и дека треба да се спроведат одредени мерки. Тој објасни дека едниот пациент бил на клиниката, а другиот е дома.

– Како што за жал може да видиме, од овој момент, започнува нова фаза за справување со овој здравствен и социјален предизвик. Сепак, нема простор за паника или неразумност и неконтролирана загриженост – вели Марковиќ.

Црна Гора досега беше единствената европска држава без забележан случај на коронавирусот.