Дури 700 лекари и други медицински работници во Босна и Херцеговина се на боледување во пикот на епидемијата на ковид-19, од кој до вчера беа заразени 1.000 луѓе, а починале 39 заразени, пренесува Хина.

Вкупниот број потврдени случаи со ковид-19 е 1.018, а жариштата се во Бања Лука (257), Читлук(81), Мостар (55) и Широки Бријег (48).

Во Сараево, инфекцијата е потврдена кај 35 луѓе. Сепак, загрижува фактот дека во екот на епидемијата во Сараево на боледување се дури 700 медицински лица, а постои сомнеж дека најголем дел од нив на тој начин сакале да го избегнат ризикот од зараза на работното место.

Директорката на Клиничкиот центар во Сараево, Себија Изетбеговиќ, предупредува дека станува збор за сериозен проблем кој се заканува да го собори здравствениот систем.

– Отсекогаш имаме проблем со лажни боледувања и тврдам дека во моментов две третини од медицинските работници неоправдано изостануваат од работа. Ги среќавам своите вработени како се шетаат низ град, а дел од нив самите себеси си издале боледување. Ја следиме таа аномалија која во екот на неизвесната борба против ковид-19 се коси со Хипократовата заклетва и дојдовме до сознанија деја главно станува збор за исти лица – вели таа.

Директорот на Домот за здравје, Мухамед Ахмиќ, најави санкции за неоправданите боледувања.

– Им наложив на лекарите да се заострат критериумите за одобрување на боледување и секое некритичко отварање ќе биде казнето – истакна тој.

Во меѓувреме, српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, најави дека ппокрај платата, на сите здравствени работници, возачи и помошен персонал кои работата во здравствените установи во Република Српска ќе им биде исплатена еднократна помош во износ од 1.000 конвертибилни марки.

– Пари ќе добијат само оние што работеа од појавата на ковид-19 во РС, а никако оние кои користат боледување и слично – нагласи Додик.