Цената на доброволно тестирање на коронавирус во Грција почнува од 120 евра не сметајќи ги трошоците за лекарски прегледи, и достигнува 300 евра, вклучително и преглед, објавија атинските медиуми.

За споредба, тест за сезонски грип чини од десет евра, без да се сметаат трошоците за преглед на лекар, и може да достигнат 70 евра, со трошок за преглед.

Причината за тестирање на новиот вирус е ако лицето патувало или било во контакт со некој кој неодамна патувал во ризична област (Кина, Јапонија, Хонг Конг, Сингапур, Јужна Кореја, Иран и северна Италија) или ако припаѓа на група со висок ризик за зарази, како што се здравствените работници.

Постапката за доброволно тестирање започнува со телефонски повик во Националната здравствена организација. Примерокот за тестирање се зема главно од носните шуплини или од грлото.

Тестирањето е бесплатно само доколку е наложено од лекар.

Времето за да се добијат резултати од тестовите во јавниот и приватниот сектор варира многу во зависност од тоа колку примероци се анализираат. Во најдобар случај, резултатот може да се добие за пет до шест часа.

Во Грција има 117 заболени од ковид-19 и еден смртен случај.