Триесет и седум дена откако Грција воведе комплетен карантин за да го забави ширењето на коронавирусот, премиерот Киријакос Мицотакис го претстави долгоочекуваниот план за постепено укинување на рестриктивните мерки што ќе овозможат да продолжат секојдневните активности и да заздрави нарушената економија.
Планот ќе се одвива во три фази – од 4 мај до средината на јуни – и, во зависност од податоците, ќе се менува соодветно.

Првата фаза ќе почне следната недела (4 мај), кога ќе се овозможи да се отворат малите продавници и фризерниците. Исто така, ќе биде укинат СМС-системот за излегување надвор од домот. Следниот понеделник ќе се укине и забраната за движење на луѓето во рамките на населбата во која живеат, но не и надвор од неа, пренесе Екатимерини.

Црквите повторно ќе се отворат за поединци да се молат сами и со строги правила за максимален број верници дозволени во црквата во исто време време. Службите сè уште се забранети.

На 11 мај постарите средношколци ќе можат да се вратат во училиште и ќе се отворат сите малопродажни продавници, а на 17 мај на црквите ќе им биде дозволено да продолжат со службите, но ќе мора да се придржуваат кон строгите правила за социјално дистанцирање.

На 18 мај, ќе се отворат и училиштата за пониските одделенија од средно училиште. Истиот ден и археолошките места ќе се отворат за посетители.

Трговските центри, кафулињата и рестораните (само со седење надвор) ќе се отворат на 1 јуни, со правила за социјално дистанцирање.