Туристите летово се добредојдени да ја посетат Грција, но мерките за социјална оддалеченост ќе останат на сила за да ги заштитат луѓето од коронавирусот, изјави грчкиот министер за туризам, Хари Теохарис.

– Ние сакаме луѓето да дојдат во Грција. Секако, ќе ја преземеме секоја претпазливост во однос на мерките за патување, за начинот на кој ќе се патува и престојува. Социјалното растојание ќе се применува како мерка додека здравствените власти не одлучат поинаку рече тој за радио Би-би-си.

Грчкиот министер за туризам нагласи дека Грција повеќе од 50 години дочекува туристи и земјата сака да ја продолжи традицијата на гостопримство по кое е позната во светот. Тој додаде дека туристите треба да се чувствуваат безбедно во Грција, бидејќи се преземаат строги мерки на претпазливост.

– Грција е безбедна земја и на многу начини побезбедна, жал ми е што можам да кажам, отколку вашата земја (мислејќи на Велика Британија) – изјави тој за радио Би-би-си.

Теохарис се надева дека здравствените методи ќе напреднат до почетокот на летото и дека ограничувањата за патувања ќе бидат олабавени.

– Многу е веројатно дека ќе има некои мерки пред и во текот на патувањето – рече тој, алудирајќи на фактот дека некои туристи ќе мора да поминат задолжително тестирање за коронавирус пред да влезат во одредени земји.