Барателите на азил во Грција денеска застанаа во ред за да добијат вакцина против коронавирус бидејќи грчките власти дадоа дозвола за вакцинација на мигрантите во бегалските кампови.

Владата, која почна да ја вакцинира пошироката јавност во јануари, беше критикувана од групите за заштита на човековите права поради бавното вклучување на барателите на азил во програмата за имунизација, кои се изложени на ризик во пренатрупаните кампови, каде што санитарните услови се слаби, а физичкото растојание е речиси невозможно.

Речиси 12.100 баратели на азил престојуваат на пет грчки острови во близина на Турција, а приближно 9.400 од нив живеат во официјални бегалски кампови, според Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР).

Денеска, вакцинацијата почна на островите Лезбос, Хиос и Самос со единечна доза од вакцината на „Џонсон и Џонсон“, изјави Анастасиос Чацис, службеник од Националната организација за јавно здравје.

„Имаме вакцини, имаме персонал, расположението е позитивно“, порача Чацис од Лезбос. „Пред нас е долг, но добар пат и се надеваме дека сè ќе помине добро“.

Никос Бабакос, шеф на бегалскиот камп во Лезбос, вели дека таму ќе се вршат вакцинации за да не се оптоваруваат здравствените услуги на островот.

„Продолжуваме да ги информираме луѓето за да можеме да вакцинираме што повеќе од нив“, додаде тој.

Речиси 15 проценти од луѓето во камповите досега изразиле интерес за вакцинирање, а 30 отсто веќе оздравеле од Ковид-19, изјави за атинската новинска агенција генералниот секретар на Миностерството за миграција, Манос Логотетис.