Грчките власти изразија загриженост за порастот на заразените од ковид-19 во земјата што се подготвува за претстојниот почеток на туристичката сезона.

– Секој што мисли дека се ослободивме од вирусот, се лаже. Мора да бидеме внимателни и да ги почитуваме мерките за да спречиме ширење на вирусот – предупреди министерот за цивилна заштита Никос Хардалиас.

Грчкото Министерство објави 97 нови случаи на ковид-19 и двајца починати заклучно со четвртокот.

Речиси третина од 97 нови случаи вклучуваат патници од странство, се вели во соопштението на Министерството.

Од 15 јуни двата најголеми аеродрома, во Атина и во Солун, ќе примат туристи од околу триесет држави, главно од Европската Унија, со што ќе се започне туристичката сезона. Помалите аеродроми треба да се отворат на 1 јули.

Во Грција, 182 лица починале од коронавирусот и 3.049 се заразени од почетокот на пандемијата на крајот на февруари, според информациите на Министерството.

Министерството соопшти дека повторно ќе објавува дневни извештаи за состојбата во врска со ковид-19 во земјата, што беше прекинато минатата недела, бидејќи бројот на новозаболени на ден беше помалку од пет.