Грција ги отвори повеќето од своите аеродроми за меѓународни летови, надевајќи се дека на тој начин ќе помогне во рестартирање на туризмот по тримесечното затворање, пренесува „Ројтерс“.

Туризмот е еден од клучните сектори во Грција, во кој се вработени околу 700.000 луѓе и учествува со околу 20 проценти од БДП. Затоа, успешна туристичка сезона е исклучително важна за оваа земја, која пред две години излезе од долготрајна криза. Минатата година околу 33 милиони луѓе ја посетија Грција, оставајќи околу 19 милијарди евра во земјата.

Патниците кои доаѓаат од земји со висок ризик ќе бидат тестирани и ставени во карантин во зависност од резултатите.

Забраната за пристигнување на грчките аеродроми сè уште важи за патниците од Македонија, Албанија, Турција, Велика Британија. Солунскиот аеродром до 30 јуни е целосно затворен за нашата држава, додека на аеродромот во Атина во овој период, дозволени се патувања само за основни цели.

Претходно беше најавено дека од 1 јули на сите грчки аеродроми ќе бидат дозволени меѓународните пристигнувања, а на странските фериботи ќе им биде дозволено да се приклучат на грчките пристаништа.

Грција воведе ограничувања во март и го реши проблемот со коронавирусот релативно успешно во споредба со другите земји од ЕУ. Само околу 3.000 луѓе се заразени во земјата. Но, од економски аспект, работите не се добри.

Конзервативната влада сега се соочува со тешката задача да им се отвори земјата на странските посетители, додека јавноста стравува од ново ширење на инфекцијата.

Премиерот Киријакос Мицотакис изјави од островот Санторини дека приоритет на неговата влада е да ја направи Грција најбезбедна дестинација во Европа.

– Можете да дојдете во Грција и да имате одлично искуство, ќе можете да седнете на верандата со овој прекрасен поглед и да уживате во виното Асиртико, да одите на плажа – рече Мицотакис. Но, тој додаде дека не сакаат претрупани барови на плажите.

– Постојат неколку работи што нема да ги дозволиме ова лето – заклучи тој.