Во Грција од денеска стапуваат нови правила, а се однесуваат на ограничувања во работењето на кафулињата, баровите и ноќните клубови.

Поради ширењето на коронавирусот, грчките власти неделава вратија дел од ограничувачките мерки за рестораните, ноќните клубови и кафулињата. Правилата важат од денес и тие забрануваат служење на гости кои стојат.

– Тоа е чекор назад што сигурно ќе влијае на туризмот, но се чини дека е потребно за да не го изгубиме остатокот од летото. Ќе бидеме трпеливи – вели Илјас Бабацикос, сопственик на кафуле на плажа во атинското крајбрежно предградие Алимос.

Здравствените работници се загрижени за неодамнешното зголемување на бројот на нови случаи на коронавирус и појавата на делта-видот.

Во вторникот имало 1.797 новоинфицирани, што е двојно повеќе од претходниот ден.

Властите објавија дека голем дел од новите случаи се млади луѓе.