Ангел Митревски за „Нова Македонија“ од Сплит

Како што најавивме, нашиот дописник од Сплит, Ангел Митревски, успеа да обезбеди ексклузивно интервју со Тинка Видовиќ, која неодамна во САД доби награда за откривање можен лек против коронавирусот

Интервју со д-р Тинка Видовиќ, истражувачка во МЕДИЛС во Сплит, Хрватска

Тинка Видовиќ е докторка по медицина и докторантка кај професорот Мирослав Радман на Медитеранскиот институт за истражување на животот во Сплит. Основно и средно училиште има завршено во Вргорац, додека во Загреб студира на Медицинскиот факултет. По дипломирањето запишала постдипломски студии по биологија на Природно-математичкиот факултет во Загреб. Нејзиниот докторски труд е од областа на компјутерската биологија и молекуларната биологија на туморите.

Како дојде до вашето учество на натпреварот за пронаоѓање лек против коронавирусот и што ви значи самата награда?
– За натпреварот дознав преку социјалните мрежи (Твитер, Линкедин), па се решив да се пријавам, бидејќи имав претходно искуство со методите што треба да се користат. Кон барањето можни молекули што би се врзале со висок афинитет за протеазата ковид-19, пристапив на оригинален начин. Наградата е значаен успех, особено што доаѓам од биомедицинско подрачје, па главно сама се научив да програмирам, како и методите за машинско учење.

Кои се натамошните можности за развој на вашиот пронајдок за можно користење на валпроичната киселина против коронавирусот и дали, можеби, сме блиску до конечното решение на лекот против оваа зараза?
– Валпроичната киселина е веќе одобрен лек и се користи за лекување на мигрената, биполарното нарушување и епилепсијата. Моментално е во истражувањата против туморот и ХИВ. Инхибицијата на хистонски деацителази, која би можела да доведе до програмирана клеточна смрт, т.е. апоптоза, на клетките инфицирани со вирус е можен механизам за антивирусно дејствување на валпроичната киселина. Многу научници работат на откривање потенцијален лек за ко ронавирусот и притоа користат различни методи. Некои се обидуваат со методи на машинско учење да генерираат молекули, кои уште не биле ни познати ниту синтетизирани, па мислам дека тој пристап би траел предолго (не можат да се знаат однапред фармако-динамичките својства на тој лек). Вториот пристап е барање веќе одобрени лекови за други болести, кои би дејствувале и против коронавирусот. Тој пристап на пренасочување на веќе постоен и одобрен лек би нѐ довел побргу до потенцијален лек против ковид-19. Денес сѐ повеќе се зборува и за антималарикот хлорокин како можен лек за коронавирус.

Имате ли можност за натамошен развој на вашиот лек во Република Хрватска или за тоа е потребна соработка со други меѓународни тимови?
– Валпроичната киселина уште од средината на минатиот век е во клиничка употреба, така што сега е достапна како генерички лек што можат да го произведуваат многу фармацевтски компании. За време на траењето на патентот само фармацевтската компанија што е сопственик на патентот има право да го произведува лекот, а по истекот на патентот сите фармацевтски куќи можат да го произведуваат лекот. Иако е лекот веќе достапен на пазарот, за да може да се користи против коронавирусот, потребно е да се спроведат клинички испитувања за што се потребни и претклинички тестирања, бидејќи само јас со биоинформатичка анализа покажав дека валпроатите би можеле да дејствуваат против коронавирусот. Верувам дека јас го направив само првиот чекор, сега треба сите заедно да го потврдиме пронајдокот.

Која е примарната област на вашиот ангажман во Сплит и кои се најважните проекти на кои моментално работите на институтот?
– На Медитеранскиот институт за истражување на животот сум вработена како докторска студентка во групата на професорот Мирослав Радман. Моментално работам на проект со кој се обидуваме со биоинформатички пристап да одговориме на прашањето зошто некои органи (црн дроб, мозок, гради, коски) многу почесто се места за метастаза од другите. Бидејќи метастазите се причинител на повеќе од 95 отсто од смртноста од тумор, одговор на ова прашање би придонел за подобро разбирање на биологијата на туморот, а подоцна и на интервенции за смалување на смртноста. Моментално научниците се повеќе фокусирани на карактеристиките на клетките со тумор, додека ние на институтот се фокусираме и на карактеристиките на клетките на здравите органи, кои го помагаат растот на малигните метастази.