Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека ќе ја прими третата вакцина, кинеската, како и да верува дека лекарската професија ќе донесе одлука третата доза да ја добие секој што бил вакциниран пред повеќе од шест месеци.

Вучиќ кажа дека смета дека ќе им каже на сите да ја примат третата доза на вакцината после шест месеци, без оглед на вакцината што ја примиле.

– Чекам да кажат дали советот е да се прими друга или иста вакцина, ако нема таков совет, јас ќе ја примам истата (кинеската), но тоа е прашање на избор на луѓето – изјави Вучиќ гостувајќи синоќа на нишката ТВ Белами.

Тој напомена дека луѓето кои ја примиле вакцината пред шест месеци веќе не се толку отпорни и можат полесно да се заразат и да се разболат, и затоа е потребна трета доза на вакцината.

Тој посочи дека во моментов Србија има на располагање 1,3 милиони вакцини, како и уште 120 000 вакцини за оние кои треба да ја добијат втора доза.

Вучиќ оцени дека кинеската вакцина побавно произведува антитела од „Фајзер”, „Астра-Зенека” и „Спутник”, но дека кинеска вакцина е традиционална вакцина која воопшто нема ризик.

– Не велам дека другите имаат, но кинеската нема ризик за ништо – додаде српскиот претседател.

Вучиќ оцени дека сега работите во Србија се полоши во однос на бројот на заразени отколку порано и уште еднаш ги замоли луѓето да се вакцинираат.