Српскиот претседател Александар Вучиќ денес е вакциниран со кинеската вакцина на „Синофарм“, пишуваат српските медиуми.

Вучиќ е вакциниран во Рудна Глава, каде што на здравствените работници им донел цвеќе по пристигнувањето.

– Јас дури не го ни почувствував тоа, лекарката Анита има лесна рака – рече Вучиќ по вакцинацијата.

Втората доза Вучиќ ќе ја добие некаде на југот на Србија.

– Ќе видиме дали тоа ќе биде Бабушница или Мерошина, во секој случај, некаде на југот на Србија – додаде тој.

На прашањето зошто чекал досега со вакцината, Вучиќ рече дека сакал да се вакцинира како обичен граѓанин, кога веќе биле вакцинирани милион луѓе.

Го прашаа и зошто во Рудна Глава.

– А зошто Рудна Глава? Затоа што го сакам, затоа што го сакам истокот на Србија. Не е само Белград – рече тој.