Епидемиолошката состојба во Србија не е драматична, рече српскиот претседател Александар Вучиќ, истакнувајќи дека нема голем број смртни случаи и хоспитализации, како и дека Србија „добро се држи“ во врска со епидемиолошката состојба во регионот и Европа.

На денот кога српското Министерство за здравство официјално објави зголемување на бројот на новозаболени на 245 од вчерашните 152, Вучиќ им предложи на своите сограѓани дека е „крајно време“ да почнат да се однесуваат „најодговорно што можат“.

– Овие сè уште не се драматични бројки, да не ги плашиме луѓето, но навестувавме дека доаѓа потешко време. Го видовме тоа во процентот на тестираните и процентот на заразените, кој расте – изјави Вучиќ за Српската радиотелевизија (РТС).

Коментирајќи го зголемувањето на бројот на заразени лица во регионот и Европа, тој ги спореди Србија и Хрватска со денешните 740 новоинфицирани лица на дневна основа, проценувајќи дека, според бројот на испитани и бројот на жители, би било како да има 1.300 нови случаи во Србија.