Црна Гора повторно има рекорден број на починати од коронавирусот. Според надлежните во оваа земја по вторпат во месец март се случува во еден ден да има рекорден број на смртни случаи од ковид-19.

Здравствените власти на Црна Гора соопштија дека 18 пациенти заразени со коронавирус починале во изминатите 24 часа.

Во Црна Гора, повеќе луѓе, дури 126 починаа во првите две недели од март отколку во текот на целиот јануари, кога беа 123, велат здравствените власти во оваа земја.

Од таму додаваат дека само во Клиничкиот центар на Црна Гора, најголемата медицинска установа во земјата, 86 пациенти се во животна опасност од Ковид-19, додека две третини од капацитетот на здравствениот систем предвиден за пациенти со коронавирус е исполнет.

Овие бројки, сепак, не влијаеја на владиниот Совет за борба против пандемијата да го прифати предлогот на црногорските епидемиолози и да воведе целосна државна блокада.

Денеска епидемиолошките мерки донесени минатата недела беа продолжени за уште седум дена во повеќето земји.

Се предвидуваат затворања на образовни институции, градинки, ресторани, спортски сали и трговски центри и забрана за движење помеѓу општините во полицискиот час од 21 до 5 часот наутро.

Претходно, владата во Подгорица објави дека црногорската економија нема да го издржи затворањето.

Веќе со недели Црна Гора е меѓу водечките земји во светот според бројот на новозаразени, а неодамна влезе во првите десет земји според бројот на смртни случаи на 100.000 жители.