Црна Гора денеска регистрира 344 нови случаи на коронавирус, што значи дека денешниот број на заразени е поголем од вкупниот број на инфицирани во првиот бран на епидемијата, кога беа регистрирани вкупно 324 случаи од средината на март до почетокот на мај.

Црногорските епидемиолози предупредуваа дека бројот на заразени на дневно ниво може да се зголеми до крајот на неделава, особено во Подгорица, каде што ковид-центрите деновиве беа оптоварени со посети на граѓани, додека колоните на автомобили чии возачи чекаа на тестирање беа долги и по неколку километри.

Половина од новите случаи забележани денес се токму од главниот град на Црна Гора, кој доколку продолжи овој тренд на зголемување на бројот на заразени, може да влезе во „црвената зона“, што значи воведување рестриктивни мерки, како затворање на ресторани и воведување на полициски час од 22 до 5 наутро.

– Во моментов има 3.828 активни случаи во Црна Гора, односно 608 инфицирани на 100.000 жители – соопштија црногорските здравствени власти, додавајќи ја и информацијата за три нови смртни случаи во последните 24 часа.

– Вкупниот број на смртни случаи поврзани со ковид-19 од почетокот на јуни е 185, а од почетокот на годината 194 – беше соопштено денеска.

Црногорскиот министер за здравство во заминување, Канан Храповиќ, објави дека црногорската влада покренала постапка за набавка на „ремдесивир“, што ќе се користи за лекување на пациенти кои имаат потешка клиничка слика.

– Набавката на овој лек во наредните месеци најверојатно ќе биде можна исклучиво преку заедничкиот механизам за набавки инициран од Европската комисија – соопшти Храповиќ.