Директорот на српскиот Клинички центар во ковид болницата „Драгиша Мишовиќ“, проф. д-р Владимир Џукиќ, денеска предупреди на сериозна клиничка слика кај младите, поради коронавирусот.

Во болницата моментално се лечат 195 пациенти болни од Ковид-19, на интензивна нега се околу 60 пациенти, а повеќе од 30 се на некој режим на механичка вентилација.

Џукиќ за телевизија „Пинк“ рече дека сега на болничко лечење се многу повеќе млади луѓе со тешка клиничка слика, од она што било во првиот бран на коронавирусот.

– Старосната граница е поместена. Имаме 14-годишно момче, ватерполист, кој без придружни болести е префрлен на вештачка вентилација. Тоа е сериозна клиничка слика кај младите која се забележува во сите држави во регионот – рече Џукиќ.

Во болницата моментално се лечат и десетина деца.

– И кај децата се јавува посложена клиничка слика од претходно. Имаме многу повеќе деца со висока температура – рече тој, додавајќи дека во вториот пик на вирусот потешка клиничка слика има и кај трудниците.