Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, изјави денеска дека еден контингент од најновите лекови против коронавирусот веќе пристигнал во земјата. Таа додаде дека лекот сега ќе се тестира и не откри за кој лек станува збор.

Во гостување на РТС, Брнабиќ рече дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се борел за тие лекови за време на неговата посета на Обединетите Арапски Емирати, дека за тоа разговарал со шеикот Мохамед бин Зајед, бидејќи, како што додаде, ОАЕ ги има сите најнови лекови.

– Разговараме и со Европската унија, и со фармацевтски компании од САД, Кина и Јапонија, и знам дека во овој момент веќе имаме контингент од најновите лекови и сега се тестира, и знам дека доаѓаат и дополнително нови лекови, но подобро е докторите да зборуваат за тоа бидејќи тоа што јас го знам е само дека пристигнале и дека се катастрофално скапи – рече Брнабиќ.

Таа додаде дека државата ги платила, бидејќи, како што посочи, работа на државата е да најде пари, а лекарите да кажат кои лекови се најдобри.