Авион со 40.000 дози на руската вакцина „спутник в“ слета на белградскиот аеродром „Никола Тесла“, а беше пречекан од министерот за иновации Ненад Поповиќ, пренесува РТС. Тој изјави дека 20.000 дози на компонентата 1 и 20.000 дози на компонентата 2 пристигнале денеска.

– Само пред помалку од 15 часа, овие вакцини беа во фабриката „Генериум“, но со извонредната логистика и поддршка од целата српска влада, членовите што се тука во Белград и оние кои се уште се во Москва, веќе е во Белград. Тоа беше сериозен логистички зафат и мораше да се добијат сите дозволи – рече Поповиќ.

Тој потенцираше дека вакцините се доставуваат во специјални контејнери тешки близу 200 килограми на температура од минус 20 степени, како и дека се контролира цело време.

– Ова е само прва количина од 40.000 од вкупно два милиони вакцини што ќе дојдат во Србија во текот на февруари и март. Интересот за руската вакцина во целиот свет е огромен, Србија е на нивниот список на приоритети број еден, а ова пристигнување на вакцините во Србија денес покажува колку Русија има блиски односи со Србија – истакна Поповиќ.