Во Србија во последните 24 часа се регистрирани 233 нови случаи на коронавирус, а починаа уште шест лица. Вкупниот број на починати е 162, од вкупно 8.275 пациенти од избувнувањето на епидемијата, соопшти Кризниот штаб во Белград.

Во изминатите 24 часа извршени се 3.614 тестови, а 67.917 од почетокот на епидемијата. Стапката на морталитет е под два проценти и е 1,96%.

Излекувани се 1.209 пациенти, во моментов 2.701 лице е хоспитализирано, 85 од нив на респиратори, што е под 100 трет последователен ден, што укажува дека бројот на пациенти со тешка клиничка слика се намалува.

Сите показатели, според членовите на Кризниот штаб, сугерираат дека Србија е при крај на епидемијата, но предупредуваат дека граѓаните не треба да се опуштат.

Српската влада одлучи да воведе долг полициски час поради 1 Мај, кој ќе почне во четврток, 30 април, во 18 часот, и ќе трае до 5 часот наутро во понеделник на 4 мај.