Експертите во Словенија потврдија дека досега во оваа земја од сите мутации на коронавирусот само британскиот вид има ограничено присуство, додека присуство на други варијанти не е потврдено.

– Дека епидемијата во Словенија се намалува, сведочат резултатите од мониторингот за присуство на вируси во отпадните води затоа што беше откриено дека бројот на вируси е зголемен во јануари, додека се намалува во февруари – изјави Маја Равникар од Националниот институт за биологија.

– Што се однесува до новите видови на коронавирус, од анализата на 877 примероци од отпадните води е заклучено дека британскиот вирус е минимално присутен во Словенија, и тоа со околу еден процент – рече Равникар.

Со секвенционирање на вирусот од брисеви на пациенти, досега се потврдени само четири случаи на британскиот вид на коронавирус, кој според надлежните, се шири побрзо и е позаразен од основниот тип.

Надлежните во Словенија посочуваат дека земјата се уште е во зона кога не е сигурно дополнителното олабавување на мерките, но Владата ќе соопшти нешто поконкретно вечерва по најавената средба со епидемиолозите.

Според епидемиологот Нушка Чаки Јагер од Националниот институт за јавно здравје, сите трендови поврзани со епидемијата се позитивни, а бројот на потврдени нови инфекции во земјата падна за 10,9 проценти за две недели.

– Во последните денови речиси немаше случаи на нови инфекции во словенечките домови за стари лица, а бројот на активни случаи на инфекции во земјата постојано се намалува, иако сè уште има многу вируси меѓу работната популација. И има сè помалку смртни случаи – велат епидемиолозите.

– Од денес, во болниците има само 840 пациенти, што е големо намалување во споредба со претходните денови, од кои 160 се во одделите за интензивна нега каде што бројот на пациенти не е значително намален – рече Чаки Јагер.

Според него, има и голем пад на бројот на активно заразени, така што во моментов има 14.008 заразени.