Во Словенија, во последните 24 часа беа потврдени 1.731 нови случаи на заразени со коронавирус од 6.657 тестови, а починаа 41 лице, најмногу досега во еден ден, објави словенечката влада.

Според новите податоци, вкупниот број на потврдени случаи се зголемил на 54.116 од почетокот на епидемијата, од кои активни се 19.803 случаи, а бројот на смртни случаи се искачи на 765 лица.

Состојбата во болниците е сè уште критична, а хоспитализирани се 1.224 пациенти, од кои 201 се на одделенијата за интензивна нега.

Владата очекува новите ограничувања, кои ќе важат две недели, значително да го намалат дневниот раст на бројот на новозаразени и хоспитализација, по што, според министерот за здравство Томаж Гантар, ќе биде можна „контролирана релаксација“, односно олеснување на некои мерки, а меѓу првите веројатно враќање на учениците и студентите на настава во живо.

Новите ограничувања вклучуваат забрана за какви било собири надвор од семејниот круг, затворање на голем број на услужни дејности и затворање на продавници кои не служат само за само основни потреби. Се уште важи забраната за напуштање на домот во текот на ноќта, освен во итни случаи и за одење на работа.

Новите мерки беа донесени по проценката дека затворањето на крајот на минатиот месец не ги дало потребните резултати – болниците се преполни, а дневниот биланс на смртни случаи е зголемен.

Според Европскиот центар за контрола на болести, Словенија е на високо четврто место според бројот на смртни случаи на 100.000 жители во последните 14 дена, зад Чешка, Белгија и Унгарија.