Сите оние што биле во високоризичен контакт со лице потенцијално заразено со омикрон-сојот на коронавирусот во Словенија ќе мора да бидат во карантин.

Правилото што денеска го усвои владата важи за оние што се вакцинирани, но и за оние што веќе прележале ковид-19.

За контакт со висок ризик се смета лице со потврден омикрон-сој или лице што во претходните 14 дена престојувало во некоја од африканските земји, каде што оваа варијанта е широко распространета, како што се Јужна Африка, Лесото, Боцвана, Зимбабве, Мозамбик, Намибија и Есватини, пренесува СТА.

Патниците од овие земји ќе треба да направат три ПЦР-теста за време на нивниот задолжителен десетдневен карантин по пристигнувањето во Словенија.

Словенечката влада денеска го прошири и списокот на вакцини што се користат во земјата со „коваксин“, произведена од индиската компанија „Барат биотек“.