Единаесет лица се уапсени на северот на Грција, а се сомничат дека поради примена на ковид-мерки нападнале директор на училиште.

Осомничените се членови на група, која се спротивставувала на рестриктивните ковид-мерки. Тие како што пишуваат медиумите наводно го зграпчиле 61-годишниот директор, пред да започне секојдневната проверка на студенти од коронавирус, насилно го внеле во возило и го однеле до блиската полициска станица од каде побарале од полицијата да поднесе обвинителен акт.

Во полициското соопштение се наведува дека осомничените тоа го сториле под изговор дека директорот ги прекршил одредбите од грчкиот Устав.

Инцидентот се случил во близина на градот Катерини, на околу 430 километри од Атина.

Девет мажи и две жени се обвинети за напад, киднапирање, употреба на навредлив јазик и нарушување на мирот, соопшти полицијата.

Грчкиот министер за образование Ники Керамеус во порака на социјалните мрежи рече дека нападот е „неразбирлив“.

„Ќе ја заштитиме нашата образовна заедница со сите потребни средства“, рече тој.

Групи, кои веруваат дека треба да ја делат правдата, неодамна се појавија во Солун и околните градови, а припадниците на една од нив, која себеси се нарекува „Чувари“, носат црни униформи и веруваат дека рестриктивните мерки се незаконски и оние што „го бранат Уставот“ треба да им се спротивстават.

Грција се бори со зголемување на бројот на заразени со коронавирусот.

Владата вети дека училиштата и бизнисите ќе продолжат да работат, но го засили притисокот врз невакцинираните и неодамна најави задолжителни вакцини за лицата над 60 години.