Шефот на лабораторијата на Факултетот за ветеринарна медицина во Сараево, Теуфик Голетиќ, изјави дека во лабораторијата биле секвенционирани 10 примероци од луѓе, од кои кај четири е идентификуван британскиот вид.

Голетиќ истакна дека три од четирите примероци биле земени од жители на БиХ, а не како што беше случајот минатиот пат од странски државјани.

Тој вели дека два примерока се од областа на Зеница, а еден од областа на Сараево.

– За жал, ова во секој случај сугерира дека она што го очекувавме е можно, а тоа е дека британскиот вид веќе кружи и дека е реално да се очекува набргу да биде еден од подоминантните соеви што ги имаме во земјата – рече Голетиќ.

Тој посочи дека во блиска иднина може да се очекува влошување на ситуацијата кога станува збор за заразата од ковид-19.

Досега се потврдени вкупно пет случаи, земајќи го предвид првиот случај на британскиот вид коронавирус пронајден кај странски државјанин.