Во последните две недели, расте бројот на заразени и хоспитализирани ковид-пациенти во Словенија, па владата размислува за ново затворање од почетокот на април, потврдено e на владина прес-конференција.

Во последните 24 часа, потврдени се 1.164 нови случаи на инфекција со коронавирус.

Министерот за здравство Јанез Поклукар изјави дека Словенија силно зачекорила во третиот бран на епидемијата, главно поради значително поголемото ширење на британската варијанта на вирусот, така што во последните две недели бројот на потврдени инфекции расте за 25 случаи на ден.

Исто така забележано е зголемување на бројот на помлади пациенти на одделенијата за интензивна нега, а расте и процентот на британската варијанта на вирусот меѓу заразените, предупреди тој.

Поклукар потврди дека на синоќешната владина седница била донесена одлука според која во земјата од петок ќе може да се влезе само со негативен ПЦР тест, а не со брз тест, како досега, со многу ретки исклучоци. Негативен ПЦР тест исто така ќе биде услов за излегување од карантин, а не само бројот на денови во изолација, како што беше досега.

Министерот соопшти дека владината експертска група за Ковид-19, поради ширењето на вирусот и зајакнувањето на епидемијата, предложила затворање на делови од социјалниот живот, додавајќи дека одлуката на крајот ќе мора да биде политичка. Медиумите јавуваат дека епидемиолозите до владата предложиле ново двонеделно затворање.

Како што се наведува, поради влошената епидемиолошка состојба, владата му предложила на претседателот Борут Пахор што е можно поскоро да го свика политичкиот врв, на заедничка средба меѓу претседателите на сите политички партии, владата и епидемиолозите, со цел да се разговара за тоа и да се донесе одлука.

По критиките во јавноста на сметка на кампањата за вакцинација, во иднина ќе се води прецизна евиденција за категориите што се вакцинираат, со цел да се избегнат неправилности како прескокнување на лица од приоритетните групи.

Досега, Словенија доби околу 350 илјади дози вакцини, а за април се ветени уште 347 илјади, вклучувајќи ги и првите пратки од вакцината на „Џонсон енд Џонсон“.

Според податоците на владата, во Словенија во последните 24 часа потврдени се нови 1.164 случаи на инфекција со коронавирус, со удел на позитивните тестови од 18,4 проценти. Просекот на дневно заразени во последните седум дена е 887, а починале уште четири лица, така што бројот на смртни случаи од ефектите на Ковид-19 се зголеми на 3.998 од почетокот на епидемијата.