Во изминатите 24 часа во Хрватска се потврдени девет нови случаи на коронавирус, со што вкупниот број се искачи на 2.039, а уште четири лица починаа, објави Националниот штаб за цивилна заштита.

Министерот за здравство, Вили Берош, кажа дека сите четири починати лица имале хронични болести.

На респиратор има 21 пациент. Тестирани се вкупно 32.817 лица, вклучително и 1.195 во изминатите 24 часа, а процентот на позитивни тестови е 6,23.

Берош соопшти дека 303 лица се хоспитализирани, 11 помалку од вчера и 517 се излекувани, девет повеќе од вчера.

649 лица кои се лекувале дома, исто така, оздравеле, што е 54 повеќе од вчера.

Од почетокот на епидемијата во Хрватска има вкупно 1.166 излечени лица.