Бугарскиот министер за здравство Кирил Ананиев им забрани на граѓаните од земји што не се членки на ЕУ да влезат во Бугарија, соопшти денеска бугарското Министерство за здравство.

Забраната ќе стапи во сила на полноќ на 20 март и ќе важи до 17 април, јави БТА.

Ќе се однесува на сите државјани на земји кои не се членки на ЕУ на сите гранични пунктови и ќе опфаќа воздушен, морски, железнички и патнички сообраќај.

Претходната забрана за влез во Бугарија за лица кои доаѓаат од одделни земји-членки на ЕУ и од шенгенските земји останува на сила.

Тоа се: Италија, Шпанија, Франција, Велика Британија, Германија, Холандија и Швајцарија.

Забраната не се однесува на бугарските државјани и членовите на нивните семејства како и лицата кои живеат во Бугарија со дозвола за подолг или постојан престој.

На граѓаните на овие земји од ЕУ и во шенген-зоната и на нивните членови на семејството им е дозволено да транзитираат низ Бугарија на пат кон татковината.