ЕУрактив известува за бугарската стратегија за вакцинација

Бугарската стратегија за вакцинација се чини дека се заснова врз новата вакцина на „Астра зенека“, во однос на оние на „Фајзер“ и на „Модерна“ кои веќе се одобрени во Европската Унија (ЕУ), известува бугарското издание на „ЕУрактив“ повикувајќи се на документи кои протекоа во јавноста и на неофицијални информации.

Документите врз кои „ЕУрактив“ имал увид, наводно покажуваат дека Бугарија била штедлива кога станува збор за нарачката на вакцини, како што се тврди во написот. Според документите, Бугарија е дел од т.н. „штедлива група“ заедно со Чешка и со Хрватска, чија досегашна нарачка на вакцини изнесува речиси колку и бројот на нивното население.

Бугарија нарачала вкупно девет милиони вакцини. За споредба, Данска која има приближно ист број на жители, нарачала повеќе од 25 милиони дози на вакцини, од кои шест милиони дози се на „Модерна“, додека Бугарија нарачала половина милион дози од истиот произведувач.

Гласноговорник на Европската комисија во разговор за „ЕУрактив“ објаснил дека главната грижа на ЕУ претставува фер распределбата на вакцини според бројот на неселение. А државите-членки се слободни да одлучат кои вакцини ќе ги употребуваат или дури и да ги исклучат од употреба.

Други извори објаснуваат дека државите кои нарачуваат поголем број на вакцини имаат намера да ги донираат на државите во развој или на своите соседи, при што се истакнува примерот на Грција и нејзината намера да донира вакцини на Македонија.

Предвидено е Бугарија да добие 264 илјади дози на вакцината на „Фајзер“ до крајот на март. Тоа би значело дека најмногу два отсто од бугарското население би можело да биде вакцинирано до 28 март, кога се закажани парламентарните избори во државата.

Ситуацијата би можела да се подобри со користењето на вакцината на „Астра зенека“ која веќе е одобрена во Обединетото Кралство.

Бугарија од секоја пратка на вакцини против ковид-19, кои директно ги купила од производителите, дел ќе донира и на Македонија, како што беше истакнато при посетата на министерот на здравство Венко Филипче на Софија, во декември минатата година.