Сто респиратори од Кина што неодамна ги набавил кризниот штаб на Федерацијата Босна и Херцеговина за болници во ентитетот се неупотребливи и нема да се користат на одделенија за интензивна нега на тешки пациенти со коронавирус, потврди обвинителството на БиХ.

Апаратите биле платени 5,3 милиони евра, а ги набавила фирма на извесен Фикрет Хоџиќ, кој е познат како водител на ријалити шоу на локална телевизија.

Сите респиратори биле лоцирани и извршено било стручно вештачење, наведе обвинителството во БиХ.

Во рамки на истрагата за спорната набавка било откриено дека машините ги немаат ниту минималните основни карактеристики за правилен третман на пациенти, вклучително и за оние кои се болни од ковид-19.

– Употребата на овие вентилатори во единиците за интензивна нега не се препорачува – се вели во соопштението, додавајќи дека интензивната истрага продолжува и дека се испитуваат сите околности под кои се набавени респираторите со буџетски средства.