Црна Гора ќе се промовира како дестинација без коронавирус

316

Црна Гора во пресрет на летото ќе гради имиџ на туристичка дестинација без опасност од коронавирус, со надеж дека така ќе привлече туристи од регионот, рече денеска директорката на туристичката заедница.

Во интервју за „Дневне новине“, Жељка Радак Кукавичиќ рече дека верува оти почетната фаза од закрепнувањето на туризмот ќе стартува во јули, бидејќи во светот нема да има многу дестинации без коронавирус.

– Според проценките на еминентни здравствени експерти, „победници“ во досегашната криза се земји кои се блиску до искоренување на вирусот, а меѓу нив е и Црна Гора, за која се предвидува дека е една од првите светски зони без корона – рече Кукавичиќ.

Таа додаде дека се подготвува протокол што ќе се применува во хотелите, приватното сместување, угостителските објекти и плажите со цел да им се обезбеди на туристите максимална безбедност. Ова првенствено се однесува на мерки за растојание, како што се распоред на масите во рестораните, лежалките на плажа и слично.

Црногорската влада денеска соопшти дека епидемијата на коронавирус во земјата е под контрола, откако во последните две недели се разболеа само три лица.