Туристите треба да имаат негативен тест на коронавирусот за да ја посетат Грција

585

Грчкиот министер за туризам изјави дека сите туристи кои планираат да ја посетат Грција ова лето, по почетокот на сезоната, што почнува на 1 јули, ќе треба да имаат негативен тест за вирусот корона пред да се качат во авионот, пренесува „Грик рипортер“.

– Идејата е да се изврши проверка во земјата пред туристите да заминат во Грција, така што луѓето кои веќе се во авионот ќе се чувствуваат безбедни затоа што другите патници се исто така негативни на коронавирусот – рече Харис Теохарис за германскиот весник „Фаз“.

Иако потенцираше дека епидемиолозите сè уште не донеле конечна одлука, министерот кажа дека луѓето мора да имаат можност да се одморат и да не се прашуваат на плажа која е стапката на зараза во земјата од каде дошол туристот што седи до нив на плажа.

Според германскиот весник, моментално понудените тестови за коронавирус на аеродромот во Виена чинат 190 евра.

Така, семејство со четири деца, покрај трошоците за одмор, ќе треба да потроши и дополнителни 1.500 евра, доколку бидат принудени да прават уште еден тест при враќање од одмор за да избегнат 14-дневен карантин во нивната земја.

Теохарис призна дека овој дополнителен трошок може да биде пречка за патување за многумина, но изрази надеж дека до јули тестовите би можеле да чинат 10 евра за лице.

– Се прават огромни напори да се направат тестовите поевтини и поприфатливи – рече тој.

Министерот рече дека тестовите не се неопходни за оние што се враќаат дома по одморот во Грција.