Србија воведува нови рестрикции, најстрого ќе биде во Белград

417

Во Србија, која веќе два дена е потресена од големи немири, донесени се нови мерки за превенција од коронавирусот. Како што претходно беше најавено, денека состанок одржа Кризниот штаб во земјата.

После седницата, премиерката Ана Брнабиќ ги објави новите мерки.

– Се договоривме да нема мерки за целата територија на Србија, туку да се фокусираме онаму каде што ситуацијата е вонредна и нестабилна, онаму каде што нема потреба да се воведе вонредна состојба ќе ги оставиме граѓаните да живеат и да прават прослави – рече Брнабиќ.

По ова, таа нагласи дека ситуацијата со вирусот е најкритична во Белград.

– Денеска донесовме мерки само за Белград. Целосна забрана за собирање на повеќе од 10 луѓе, на отворено и на затворено. Секој угостителски објект, продавница, аптека ќе мора да има јасно истакнато колку луѓе е дозволено да престојуваат во моментот, а според одредбите тоа е еден човек на четири квадратни метри. Третата мерка е ограничување на работното време на објектите со затворен простор, со забрана која ќе важи од 21 часот до 6 наутро – рече Брнабиќ и додаде дека сите овие мерки ќе бидат времени, бидејќи штом се создадат услови за нормален живот, тие ќе бидат укинати.

Вчера во Србија беа регистрирани 357 новозаразени и 11 смртни случаи, што, како што рече претседателот Александар Вучиќ во обраќањето до јавноста, е втор најлош ден по бројот на новозаразени од почетокот на епидемијата во земјата.