Словенија ги ограничи собирите, епидемиолозите се жалат на однесувањето на младите

93

Поради растот на случаи на коронавирус, словенечката влада денеска ги ограничи јавните и приватните собири на максимум десет лица, а повеќе од тоа ќе биде дозволено само со евиденција на учесниците, рече владиниот портпарол за ковид-19, Јелко Кацин.

Говорејќи на прес-конференција, тој нагласи дека ова се однесува на јавни и приватни простори, но дека под посебни услови ќе може да се соберат до 50 лица доколку организаторот добие дозвола и обезбеди информации со имињата, местата на живеење и телефонските броеви на учесниците.

Евиденцијата би се чувала со можност да се користи во рок од максимум еден месец, така што епидемиолозите би можеле полесно да пронајдат и изолираат контакти во случај кога од ваквите собири би се идентификувло лице позитивно на Ковид-19, додаде Кацин.

– Владата најмногу се плаши од приватните забави и од големите собири, а особено сме загрижени за можните последици од излетите на матурантите, па затоа се обидуваме преку нивните родители да влијаеме тоа да се сведе на минимум – рече портпаролот.

Словенечките епидемиолози сè повеќе предупредуваат за неодговорното однесување на помладата генерација, бидејќи тестовите потврдуваат дека меѓу новозаразените, за разлика од почетокот на епидемијата, повеќето се млади луѓе кои премногу слободно се однесуваат и иако имаат поблаги симптоми, тие можат да го пренесат вирусот на постарите лица, за кои истиот е проблематичен.