ЕУ ги отстрани Србија и Црна Гора од листата на сигурни земји

396

Земјите-членки на ЕУ решија да ги отстранат Црна Гора и Србија од списокот на трети земји од кои може да се патува во ЕУ, без ограничувања. Ваквата одлука е поради зголемениот број на заразени со коронавирус, тврдат дипломатски извори.

По исклучувањето на Србија и на Црна Гора, на списокот веќе нема европски земји од кои без ограничувања може да се влезе во ЕУ, освен можеби Грузија, држава чија територија е на границата меѓу источна Европа и западна Азија.

На списокот сега се наоѓаат 13 држави: Алжир, Австралија, Грузија, Јапонија, Јужна Кореја, Канада, Кина, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Тајланд, Тунис и Уругвај.

На состанокот на Комитетот на постојаните претставници на земјите-членки на ЕУ имало предлози од списокот да се отстранат и Алжир и Мароко, но ваквата сугестија не добила поддршка.

Земјите членки на ЕУ решија од 1 јули да ги укинат ограничувањата за влез на нивната територија од трети земји, кои имаат слична или подобра епидемиолошка состојба во однос на коронавирусот.

Списокот ќе се ревидира и ажурира на секои две недели според развојот на епидемиолошката состојба. Ограничувањата може да бидат укинати во целост или делумно или повторно да се воведат за земјите во согласност со промените на состојбата.