Вучиќ: Имаме сознанија за вмешаност на странски служби во вчерашниот протест

211

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ ги осуди синоќешните протести организирани пред Националното собрание, оценувајќи ги како акт на политичко насилство.

– Синоќа во Белград бевме сведоци на најбрутално политичко насилство во последните неколку години. Во изминатите осум години, Република Србија целосно ја почитуваше слободата на собирање и демонстрација, како и различно мислење – рече тој, додавајќи дека некои насилството се обиделе да го оправдаат со коронавирусот.

Вучиќ нагласи дека полицијата реагирала дури кога собраните лица почнале да ја вандализираат зградата на Националното собрание.

Тој во обраќањето до јавноста зборуваше и за вклученоста на странски фактори во настаните пред собранието.

– Не се сомневам дека оние кои работеа на ова синоќа имаат за цел да ја ослабат позицијата на Србија. Имаме докази за вклученост на одредени функционери од некои регионални служби, а за се друго можеме да зборуваме подоцна, кога нашите служби ќе ја направат анализата – посочи тој.

Вучиќ ги повика луѓето да не излегуваат на новиот протест кој е најавен за вечерва, со оглед дека денеска е втор најлош ден во земјата во однос на бројот на новозаразени.

– Ги молам луѓето да не излегуваат за да не се појават понатамошни ужасни инфекции. Денес е нашиот втор најлош ден со 357 заразени од 8.600 тестирани. Единаесет починаа. На респиратори има 118 пациенти – истакна српскиот претседател.