Во Црна Гора излечен првиот пациент

92

Во Црна Гора денеска се регистрирани 30 нови случаи на инфекција со коронавирус, но и првиот излечен пациент, Михајло Вукиќ од Бар, кој беше отпуштен од болницата во Подгорица и веднаш на Фејсбук објави дека пристигнал дома по 20 дена напорна борба.

Вукиќ се заблагодари на медицинскиот персонал во Клиничкиот центар во Подгорица, посочувајќи дека е горд што не заразил никого со вирусот.

– Горд сум што не заразив никого и не ставив во ризик никој од моето семејство, колегите и пријателите. Благодарам на сите медицински сестри, техничари и лекари во Клиничкиот центар Подгорица, како на оние на интензивна нега, така и на оние на инфективната клиника кои работат во многу тешки услови – напиша Вукиќ на Фејсбук.

Во Црна Гора, во последните 24 часа се пријавени 30 нови случаи на инфекција, што значи дека во земјата вкупно заразени се 174 лица.

Друга важна вест од оваа земја, поврзана со коронавирусот, е тоа што државното обвинителство во Подгорица се занимава со случај за објавување список преку социјалните мрежи, со над 60 имиња на лица заразени со коронавирус.

Претходно, невладини организации, политички партии и народниот правобранител го осудија објавувањето на списокот на пациенти и побараа гонење на одговорните.

– Да ја почитуваме приватноста, да престанеме со стигматизацијата, да ги заштитиме другите – порачаа од невладината „Граѓанска алијанса“ на Твитер.

Црногорската влада, исто така, го осуди објавувањето на имињата на пациентите со коронавирус и ги повика надлежните државни институции итно да го испитаат изворот на овој список и да ги идентификуваат оние што ги шират ваквите информации.