Во Србија 386 новозаразени и 18 починати

128

Српската премиерка, Ана Брнабиќ, одржа вонредно обраќање до јавноста поради ситуацијата предизвикана на коронавирусот.

Претходно, претседателот Александар Вучиќ за српските медиуми изјави дека денес е најлошиот ден од почетокот на пандемијата.

Ова во обраќањето го потврди и премиерката, која ја соопшти дневната бројка од 386 новозаразени и 18 смртни случаи.

– За 24 часа, дури 18 лица починаа, 130 се на респиратор и од 8.646 тестирани, имаме 386 нови случаи – рече таа.

– Кога велам дека по речиси сите параметри, ова е еден од најлошите денови, мислам на бројот на смртни случаи, а во некои други работи се приближуваме до најлошиот ден во април. Најлошо беше на 12 април во однос на пациентите на респиратори, а најголема бројка на новозаразени имавме на 16 април. Но, ако вака продолжиме, за жал, набргу ќе ги достигнеме и тие бројки – рече таа.

– На 30 јуни воведовме маски како обврска во затворен простор, но не гледаме никакво подобрување од оваа мерка. Ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата за да може соодветно да реагираме – рече Брнабиќ додавајќи дека не преостанува ништо друго, освен да ги замоли сите граѓани строго да се придржуваат до мерките.

Таа рече дека мерките препорачани од СЗО не се премногу сложени и дека е потребна самодисциплина.

Србија вчера воведе нови рестрикции поради коронавирусот, а најстрого е во Белград, каде што и најмногу се шири инфекцијата. Сепак, по протестите, властите се откажаа од првичната намера за враќање на вонредната состојба и полицискиот час во земјата.