Во Србија отворена ковид-болница со 930 легла

76

Во белградското предградие Батајница отворена е новоизградена ковид-болница со 930 легла, во девет одделенија и 250 места на интензивна нега.

Премиерката Ана Брнабиќ оцени дека новата болница започнува со работа „во најтешкиот момент“, кога со денови се регистрираат голем број новозаболени лица, а на ковид-одделенијата секој ден пристигнуваат речиси 800 пациенти.

– Добиваме модерна болница во тешки моменти, кога притисокот врз нашиот здравствен систем е континуиран веќе девет месеци – посочи Брнабиќ.

Српскиот министер за здравство, Златибор Лончар, објави дека најмалку 1.500 лекари, медицински сестри и техничари ќе работат во новата болница, но дека „1.600 се потребни за полн капацитет“. Лончар истакна дека се покажало дека „новата болница е од непроценливо значење не само за Србија, туку и за целиот регион“, бидејќи 250 места на интензивна нега ќе ги олеснат другите здравствени установи.

Србија добива нови болнички капацитети во време кога членовите на Кризниот штаб и независни експерти ја проценуваат епидемиолошката состојба како „катастрофална“, со оглед на тоа што во последните неколку дена бројот на нови пациенти и пациенти во болницата е речиси изедначен.

Српската влада донесе нови, построги епидемиолошки мерки.