Во Словенија три нови случаи, едно лице почина

69

Во Словенија се потврдени три нови случаи на коронавирус во последните 24 часа, при што едно лице почина од ковид-19, објави словенечката влада. Првите резултати од испитувањата покажуваат дека 3,1 отсто од населението биле заразени.

Во моментот има 53 пациенти во болниците, од кои 14 се на одделенијата за интензивна нега, а во последните 24 часа уште двајца закрепнале од инфекцијата, со што вкупниот број на оздравени изнесува 247.

Во последните 24 часа извршени се 1.449 теста на коронавирус, а досега во Словенија извршени се 58.923 теста. Потврдени се 1.448 случаи на инфекција, а вкупно 99 луѓе починале од почетокот на епидемијата.

Според истражување спроведено во последните две недели од лабораторијата за микробиологија на Медицинскиот факултет во Љубљана на репрезентативен примерок од населението, се проценува дека 3,1 проценти од населението во Словенија било во контакт со новиот коронавирус. Како што предупредуваат експертите од оваа институција, со тестирањето на крвта дошле до заклучок дека 3,1 проценти од испитаниците развиле антитела на Ковид-19, но ова не е никаква гаранција дека тие стекнале постојан имунитет на болеста.

Во Марибор деновиве една амбуланта почнала да прави т.н. брзи тестови за присуство на антитела на коронавирус, но експертите предупредуваат дека ваквите тестови, генерално, се само во фаза на развој, не се стручно проверени и се со низок квалитет.