Британската нишка на коронавирус стигна во Србија

117

Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово во телевизија Прва изјави дека британскиот вид коронавирус пристигнал во Србија и дека го донела девојка од Лондон.

– Јас сум страшно исплашен. Патник од Лондон во Србија го донесе коронавирусот на територијата на Србија – истакна Вучиќ и додаде дека девојката не била позитивна на тестот за ПЦР.

Нагласи дека тоа е опасен вид на вирус и дека Велика Британија е затворена поради тоа, но дека е важно тоа што веднаш го откриле и ги изолирале сите контакти.

Во интервјуто зборува за тоа колку е тешко да се дојде до вакцини и дека е вистинска војна во светот. Вели дека би се вакцинирал со кинеската вакцина.

– Би ја примил кинеската вакцина, но размислувам дека не сум толку стар, затоа што мислам дека е срамота кога ќе видам дека има некои кои немаат никакви коморбидитети и се туркаат да ја примат вакцината – рече тој.

Српскиот претседател рече дека Србија платила многу помалку за кинеските вакцини отколку што се продаваат во светот. Вели дека денеска е потешко да се набават вакцини отколку нуклеарно оружје. Тој истакна дека очекува денеска да бидат вакцинирани 50.000 луѓе во Србија.

Тој додаде дека Србија не примила ниту една вакцина од „Ковакс“ програмата, како и сите земји во регионот, бидејќи има проблем со дистрибуција на вакцини во земјите на ЕУ токму преку таа програма.

Нагласи дека секој што примил вакцина во Србија, ќе добие и ревакцина, истата што ја примил.

– Ова е војна во вистинска смисла на зборот, ова е прашање на опстанок на економијата – рече Вучиќ, говорејќи за прашањето за набавка на вакцини.