БиХ нема да добие 165 милиони евра помош

135

Босна и Херцеговина месецов нема да добие 165 милиони евра итна помош од Меѓународниот моментарен фонд (ММФ) бидејќи во таа земја не можат да се договорат како ќе се поделат парите, потврди шефот на канцеларијата на ММФ во Сараево Ендрју Џуел.

– Властите и натаму не можат да се договорат како ќе ги поделат парите. Ние им рековме дека без договор не може да следува одобрување на средствата – изјави Џуел, пренесува „Независне новине“.

Синоќа изминал последниот рок до кога властите во БиХ морале да се усогласат за парите, со цел извршниот одбор на ММФ, на седницата закажана за 14 април, да може да донесе и официјална одлука за доделување на средствата. Парите требаше да послужат како помош во борбата против последиците од пандемијата на коронавирусот.

ММФ прв помуди конкретна поддршка преку своите инструменти за брзо финансирање, со проценка дека вкупниот износ на таа помош би можел да биде најмалку 165 милиони евра, но таа би можела да биде и двојно поголема, односно да изнесува 330 милиони евра, доколку извршниот одбор оцени дека се исполнети потребните критериуми.

Како што стојат работите сега, БиХ нема да добие ниту една од овие суми во април, а Џуел рече дека е неизвесно кога земјата повторно ќе дојде на ред за расправа на Извршниот одбор, заради неговиот преполн распоред.