Како е во училиштата ни кажаа директорите на неколку образовни установи

Основците од утрово одат на училиште без обврска дека мора да носат заштитна маска.
Оние кои сакаат, можат и понатаму на ваков начин да се заштитуваат за време на престојот во училишниот објект.
Владата на вчерашната седница донесе одлука да го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за олеснување на дел од мерките што важеа за учениците во основните училишта, па маските „ги прогласи“ за незадолжителни.

Но, каква е состојбата на терен, зборуваме со директорите на неколку основни училишта во главниот град, но и низ земјата.

Светлана Масларевска, директорката на училиштето „Коле Неделковски“ вели дека утрово ги добиле новите измени во протоколите против заштита од ковид-19 во училиштата и веќе се придржуваат до нив.

Светлана Масларевска

– Поголемиот дел од децата не носат маски, но има и ученици кои носат, на доброволна основа, најмногу ради лична превенција. Сепак, и на децата им беше мачно со маски толку време да седат во училница. Секако, персоналот што работи во училиштето носи маски – посочува директорката Масларевска.

Билјана Билбиловска, директорката на училиштето „Киро Глигоров“ во скопски Центар вели дека најголем дел од учениците утрово дошле со маски и веднаш прашале како да влезат во училиштето.

– Ќе треба време учениците да се навикнат на оваа нова состојба, со оглед дека две години постојано се апелираше на носење на наски во затворен простор. Учениците од помалите одделенија веднаш ги извадија маските. Оние од погорните одделенија – дел носат, дел ги тргнаа маските. Сепак, промената по две години е специфична, а навиката си го прави своето – додава Билбиловска.

Атинка Барљамова Стојчевска, директорка на ООУ „Никола Карев“ во Пробиштип вели дека се почитуваат новите протоколи, а со тоа и поголемиот број на ученици на час не носат маски.

Атинка Барљамова Стојчевска

– Наставниците и другите вработени во училиштетето се со маски-кусо изјави таа.

Министерството за образование и наука апелира на доследно почитување на сите останати мерки за справување со пандемијата кои се на сила и на одговорно однесување не само во училиштата, туку и надвор од нив, со цел непречено продолжување на наставата со физичко присуство како опција која е од најдобар интерес за учениците.