фото: Игор Бансколиев

Последната и единтвена новина во ек на сегашниот бран од ковид-19 е предлогот од Комисијата за заразни болести за отворање на пет ковид амбуланти во здравствените домови во Скопје, како поликлиниките Идадија, Ѓорче Петров, Јане Сандански, Ченто и Чаир.

Во нив треба да ротираат матичните лекари, а идејата со нивно отворање е да се намали притисокот врз матичните ординации и поедностави пристапот за лекување на пациентите, а тестирањето на граѓаните кои имаат симптоми на ковид да се врши со брзи антигенски тестови.

Последните најави беа дека амбулантите ќе бидат отворени неделава, но од Министерството за здравство немаат конкретен одговор кога тоа навистина ќе се случи.
Оттаму не даваат ниту одговор дали воопшто се размислува за алтернативно решение со докторски капацитети во тие амбуланти.

Матичните лекари: Го понесовме најголемиот товар во ковид пандемијата

Матичните лекари од Скопје се против овој предлог и сметат дека треба да се преиспита целата состојба дали е време токму во време на одмори и кога не се оптоварени болничките капацитети, да се преземаат вакви избрзани решенија.

Д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателката на Здружение на приватните лекари вели дека и во текот на утрешниот ден ќе имаат состаноци со претставници на Министерството за здравство, Здравствен дом Скопје и со Фондот на здравство со цел да се најде решение за ваквиот предлог на Комисијата за заразни болести.

– Не одбиваме работа, и понатаму како и досега ќе прегледуваме и лекуваме ковид пациенти, но во своите ординации, а не во најавените амбуланти. Ако еден матичен доктор е на смена во својата амбуланта и треба да работи во ковид амбуланта, прашање е кој ќе ги услужува неговите пациенти. Работиме и административен дел, издаваме рецепти, одјавуваме боледувања, ако тој ден не му кажеме на пациентот, може да ја изгуби и работата. Уште еднаш да размисли Комисијата дали е време за дестабилизирање на примарното здравство – изјави д-р Чолакова Дервишова.

Според неа, матичните доктори го понеле најголемиот товар во ковид пандемијата, а овој проект дополнително ќе го оптерети системот на примарното здравство, зашто треба да се спроведе со човечки ресурси токму на матичните лекари.

– Можеби треба да се најде друго решение. Може да се вклучат младите доктори кои имаат обврска да поминат шест месеци во вакцинален пункт или во Брза помош. И тие се соодветна алтернатива – додава таа.

Во главниот град работат околу 470 матични лекари.

МЗ: Очекуваме договор, целта е во интерес на пациентите 

Од Министерството за здравство за „Нова Македонија“ одговрија дека Комисијата за заразни болести е советодавно тело кое од стручен аспект дава препораки за справување со вирусот ковид-19, по што врз основа на пошироки стручни консултации кои се во тек се носи одлука.
– Неделава се во тек консултации со претставниците на сите три здруженија на матичните лекари и очекуваме до крајот на неделава да се договори прифатлив заеднички концепт. Сите организациски аспекти околу нови ковид-амбуланти ќе бидат прецизирани во комуникација и координација со матичните лекари, имајќи предвид дека целта е заедничка, а тоа е подобар и поорганизиран пристап до здравствена заштита за ковид пациентите – посочија од ресорното министерство.

Раст на бројката на ковид позитивните пациенти е случај не само кај нас и во сесоедните земји, туку и во поголем дел од Европа. Но, според епидемиолозите олеснителна околност е што сега симптомите кај позитивните пациенти се поблаги од претходните бранови. Земјите главно се воздржуваат од враќање на неодамнешните ковид мерки како карантини, вакцинални сертификати или задолжителни маски.