Фото: Маја Јаневска-Илиева

Луѓето што страдаат од долгорочен ковид-19 сѐ повеќе пријавуваат необични симптоми

Необичната појава, позната како паросмија, може да влијае на младите луѓе и на здравствените работници, односно на квалитетот на нивниот живот. Дваесет и четиригодишниот Даниел Савески, кој живее во Лондон, вели дека го изгубил чувството за вкус и мирис откако во март добил коронавирус и оттогаш страда од паросмија. Вели дека „работите што мирисаат силно, како кантите за отпадоци, му мирисаат на сулфур или на изгорен тост“…

Луѓето што долго време боледуваат од ковид-19 известуваат дека чувствуваат силен мирис на риба, сулфур и сладок мирис. Овој невообичаен несакан ефект, познат како паросмија или изменето чувство за мирис, може несразмерно да влијае врз младите и здравствените работници. Тоа е исклучително интересниот заклучок од истражувањето и искуствата на оториноларингологот Нирмал Кумар, кој меѓу првите ја идентификува аносмијата, односно губење на мирисот како симптом од коронавирусот, и кој вели дека станува збор за „многу чудни и уникатни симптоми“. Во својата презентација во јавноста, Кумар истакнува дека меѓу илјадниците пациенти што се лекуваат од долготрајната аносмија во Велика Британија некои имаат паросмија.

Доктор Нирмал Кумар за Скај њуз изјави дека пациентите чувствуваат дека им е нарушено чувството за мирис и додаде дека тоа навистина ги вознемирува пациентите, како и дека влијае врз квалитетот на нивниот живот.

Долгорочниот ковид-19 е поим што ги опишува симптомите на коронавирус што можат да продолжат со недели, па дури и месеци по болеста.
Опишувајќи го како „невротропен вирус“, професорот Кумар вели дека ковид-19 има афинитет кон нервите во главата, особено кон нервот што е одговорен за чувството за мирис.

– Тоа веројатно влијае и на другите нерви и, според наше мислење, на невротрансмитерите што испраќаат пораки до мозокот – истакна тој, притоа додавајќи дека луѓето пријавуваат проблеми со спиење, халуцинации и промени во слухот. Тој вели дека наоѓаат начини да им помогнат на пациентите да закрепнат.

Даниел Савески, 24-годишен банкар што живее во Лондон, вели дека го изгубил чувството за вкус и мирис откако во март добил коронавирус и оттогаш страда од паросмија. Вели дека работите што мирисаат силно, како кантите за отпадоци, му мирисаат на сулфур или на изгорен тост.

– Тоа го намали моето уживање во храната и ме депримира малку затоа што не чувствувам мирис на одредена храна – рече тој.
Лин Корбет, која работи како администраторка во агенција за недвижнини, рече дека била „шокирана“ кога се разбудила на нејзиниот 52. роденден во март и кога забележала дека нема чувство за вкус и мирис.

– Од март до крајот на мај не можев да вкусам ништо. Искрено мислам дека можев да загризам свеж кромид – рече таа. Нејзиното сетило за мирис почнало да се враќа во јуни, но ништо веќе не мирисало како што треба.

– Повеќето работи мирисаа одвратно, тој болен сладок мирис тешко се опишува бидејќи никогаш порано не го имав почувствувано – рече таа.
Корбет исто така вели и покрај тоа што порано била „зависник од кафе“, тој пијалак сега ѝ мириса исто како и пивото и бензинот. Иако не е сигурна дали некогаш ќе го врати чувството за мирис, Корбет истакна дека сето тоа е во ред.
– Мислам дека имам среќа затоа што ако имав коронавирус, а сè укажуваше дека го имав, сепак не бев сериозно болна, хоспитализирана или почината како и многу други – вели Корбет.

Добротворната организација „АбСцент“, која им помага на луѓето со нарушување на мирисот, собира информации од илјадници пациенти со аносмија и паросмија во партнерство со „ЕНТ Велика Британија“ и Британското здружение за ринологија за да помогнат во развојот на терапијата.

Тие препорачуваат секој што има паросмија да помине „тренинг за мирис“, кој вклучува мирис на розово масло, лимон, каранфилче и еукалиптус секој ден околу 20 секунди за да го врати чувството за мирис.

Професорот Кумар, пишува Скај њуз, рекол дека постојат ветувачки извештаи дека ваквата обука им помага на пациентите и дека повеќето луѓе на крајот повторно ќе имаат нормално чувство за мирис.