Фото: Игор Бансколиев

ПРОДОЛЖУВА РАЗНОГЛАСИЕТО ПОМЕЃУ ЛЕКАРИТЕ, НАУЧНИЦИТЕ, АНАЛИТИЧАРИТЕ, ФУТУРОЛОЗИТЕ… ОКОЛУ ТРАЕЊЕТО НА ПАНДЕМИЈАТА

Она што на преминот од 2021 во 2022 година со сигурност би можело да се каже за пандемијата на коронавирусот, која сериозно ги измести сите претходно воспоставени односи во семејствата, животните и работните средини, локалните заедници и државите на планетарно ниво, е дека таа сѐ уште е непредвидлива поради што и понатаму се споменуваат повеќе сценарија

Наспроти, вистина, дозираните настојувања на прагот на 2022 година на луѓето да им се влее надеж и обидите за исцртување на контурите на нова постпандемиска ера, што, пред сѐ, се темалат врз, засега, наводно, поволните карактеристики на најновиот омикрон-сој на коронавирусот, присутни се и стравувања дека пандемијата нема тукутака да заврши. Поточно, според некои прогнози, може да се каже оти со завршувањето на 2021 година, завршува само првата, таканаречена непосредна фаза на пандемијата, за потоа да следува втората или средна фаза, која ќе трае до крајот на 2023 година и дури потоа, во 2024 година да се очекува многупосакуваната постпандемиска фаза. Тоа, пак, според некои футуролози, нема да го донесе долгоочекуваното олеснување, туку нови предизвици, иако и предвидувањата во однос на тоа се, исто така, поделени и варираат од процените дека постпандемискиот период ќе наликува на „лудите дваесетти години“ од минатиот век и дека луѓето, во приватниот и во професионалниот живот, премногу ќе се опуштат до тоа дека на многумина ќе им биде потребна медицинска и секаква друга помош. Се разбира, тука се и очекувањата дека, и покрај тоа што коронавирусот ќе стане ендемски, ќе има нови вируси и нови пандемии, можеби и со поголеми размери од сегашната. Сериозноста на ваквите проекции, пред извесно време, ја потврди дури и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, повикувајќи го светот да се подготви за нови пандемии.

Во меѓувреме, она што на преминот од 2021 во 2022 година со сигурност би можело да се каже за пандемијата на коронавирусот, која сериозно ги измести сите претходно воспоставени односи во семејствата, животните и работните средини, локалните заедници и државите на планетарно ниво, е дека таа сѐ уште е непредвидлива поради што и понатаму се споменуваат повеќе сценарија.

Најновата добра вест од светот е дека научниците идентификувале антитела што целат на непроменетите делови на коронавирусот, кој продолжува да мутира и еволуира, а откритието, како што е соопштено, претставува промена што може да доведе до нови третмани насочени кон неутрализирање на омикрон и на други потенцијални нови соеви.
– Идентификувањето на таквите „широко неутрализирачки“ антитела што му помагаат на вирусот да навлезе во човечките клетки може да помогне да се направат подобри вакцини и антитела што ќе бидат поефикасни, не само против омикрон туку и против кој било вид – изјави Дејвид Веслер од Одделот за биомедицина при Универзитетот во Вашингтон.
А дека дури и кога настрана ќе се стави омикрон-варијантата, повеќето генерални индикатори се движат во насоката на завршувањето на пандемијата, согласни се и многу други научници.

– Колективниот имунитет се зголемува, некаде преку високиот процент на имунизацијата, некаде преку пополнувањето на гробиштата. Во меѓувреме, стасуваат и нови лекови, кои директно влијаат против вирусот. За сѐ поголемиот број луѓе, вирусот станува некој вид настинка, а во најлошиот случај, нов вид на грип. До крајот на јануари ќе имаме и многу повеќе информации за омикронот, за ефективноста на вакцините, за долготрајноста на бустер-вакцините… Сѐ уште има многу нејаснотии, но сметам дека се наѕира нешто што изгледа како светлината на крајот од тунелот – прогнозира српскиот молекуларен биолог и невробиолог Милош Бабиќ.

Слично видување има и македонскиот епидемиолог Драган Даниловски.
– Вирусот е во паника, апсолутно веќе не важи ни вакцината, сите ќе го поминеме, за очекување е дека за околу шест месеци, тој ќе се сведе на „питомо маче“, ноктите ќе му се истапат и тој ќе битисува одредено време како ендемски жител меѓу нас – смета Даниловски.

И кога ќе се земе предвид ова во моментов најповолно сценарио, остануваат дилемите што потоа. Како луѓето ќе се чувствуваат и однесуваат и како светот ќе изгледа по пандемијата, е прашањето чии одговори, исто така, сѐ уште се темалат на голем број претпоставки.

– Нема да се вратиме на она статус кво што постоеше пред ковид-19, бидејќи со пандемијата се сменија премногу работи. Предизвикот за годината пред нас е да се продолжи со редизајнирање и преосмислување на нашите правила и институции со фокус на повторно воспоставување доверба во областите на работа, политика, јавно здравје и економска политика – објаснуваат професорите од оксфордскиот Факултет за владино управување и организација.

Во случајот на продолжената пандемија, научниците очекуваат дека во втората или средна фаза, што, според нив, треба да започне во претстојниот период, посилно ќе се чувствуваат психолошките, здравствените, општествените, економските и секакви други последици.

– На многумина ќе им биде потребна медицинска нега, ќе се смени начинот на кој работиме, патуваме, се лекуваме… Сега, кога станавме свесни за важноста на науката, можеби ќе го смениме и односот кон климатските промени. Наследството на пандемијата можеби ќе биде почитувањето на науката – вели познатиот професор по медицинска социологија од универзитетот „Јејл“, Николас Кристакис.
Потоа, дури во третата и последна постпандемиска фаза, што, според Кристакис, ќе настапи дури во 2024 година, би можело да има опуштање.

Во меѓувреме, како што неодмана советуваше македонскиот психолог Мирјана Јовановска Стојановска, потребно е да процениме врз што можеме да влијаеме, а што е тоа врз кое немаме никакво влијание, бидејќи само така ќе знаеме каде може да дејствуваме и да правиме промени што ќе ги контролираме.

– Секогаш нашиот одговор на информациите и случувањата во средината е нешто на што ние можеме да влијаеме во целост. Потребно е да научиме вештини како да го правиме тоа најдобро што можеме, почнувајќи од исхраната, физичка активност, распоред на активности во текот на денот, поставување приоритети, користење на слободното време, надградба на професионален и личен план, учество во социјални релации, грижата за физичкото здравје, хигиена и многу други работи што зависат само од нас – препорачува Јовановска Стојановска. Д.М.М.